ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ: Наспроти лагите на Мицкоски, македонскиот јазик и идентитет се потврдени

Преговарачкиот процес е започнат и време е забрзано да продолжи, порачаа социјалдемократите повикувајќи ги пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени. Според СДСМ, таквиот исчекор би придонел за постигнување на крајната цел – полноправно членство во Европската Унија до 2030 година. СДСМ бара пратениците од опозицијата да преземат одговорност и да не делуваат спротивно на националните и државните интереси.

„Наспроти лагите на Мицкоски и ДПМНЕ, македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност денес се меѓународно заштитени и потврдени. Доказ за тоа е и предлог-резолуцијата во Сенатот на САД, како и претходно усвоената Резолуција од германскиот Парламент. Сето тоа е потврда за успешната меѓународна политика на Владата“, рече Дарко Каевски – портпарол на СДСМ

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта се обидува да го раздели својот народ. Според нив „насилните обиди на власта за уставни измени удираат во ѕид“. Од опозициската партија повторија дека бараат институционални гаранции од Брисел дека европскиот пат ќе биде предвидлив, а не подвижна цел во зависност од барањата на Бугарија.

Претходно, претставници на Владата истакнаа дека може да се разговара со опозицијата за дополнителни гаранции за преговорите, но тие гаранции би се однесувале за поставеноста на домашните институции за време на преговорите, а не да се очекуваат од Брисел. Дали за оваа тема во меѓувреме зборувале власта и опозицијата засега не се знае. Иако претседателот Стево Пендаровски неодамна кажа дека се водат неформални разговори под странско посредништво, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија:

„Би било добро Стево Пендаровски да види што се случува во дипломатијата, наместо да биде извор на лажни вести. Такви средби, формални или неформални нема“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Уставните измени веќе влегоа во собраниска процедура и се очекува на пленарна седница да се најдат на 18-ти месецов. Сепак спикерот Талат Џафери не ја исклучи можноста гласањето за уставните измени да биде пролонгирано. Владини претставници изјавија дека ќе се обидуваат да изнајдат поддршка до крајот на нивниот мандат наредната година, иако очекувањата се процесот да се финализира до крајот на ноември оваа година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button