СДСМ: Одлуката на ДС да ја напушти владината коалиција не менува ништо, парламентарното мнозинство е стабилно

Одлуката на Демократскиот сојуз да премине во опозиција не менува ништо, владината коалицијата и парламентарно мнозинство се силни и стабилни и успешно ќе може да продолжат да ги носат важните закони во Собранието за реформите во економијата и за европскиот пат на државата, реагираат од владејачката СДСМ.
„Добро е што Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов и понатаму го поддржуваат европскиот пат на државата. Ова е важно за иднината на нашата земја. СДСМ и владејачкото мнозинство се отворени за соработка и со други партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат. Уверени сме дека има и пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои се подготвени да се ослободат од заложничката ситуација во која ги сместија Апасиев и Мицкоски“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Демократскиот сојуз, по седницата на Претседателството и Централниот совет, синоќа донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Ова на прес-конференција го соопшти партискиот лидер Павле Трајанов. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.