СДСМ по излевањето на Маркова Река: ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност за неодговорното управување со Аеродром

Наместо проширување на мостот и уредување на коритото на Маркова Река меѓу Горно и Долно Лисиче, како што ветуваа Дејан Митески и Тимчо Муцунски пред четири години, добивме поплавени имоти на жителите, целосен прекин на сообраќајот и страв и несигурност од поголеми штети. Вака реагираат од опозицискиот СДСМ откако поради обилните врнежи, Маркова Река утринава се излеа од своето корито.
Од СДСМ додаваат оти покрај проширувањето на мостот, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ ветувале дека кејот на реката ќе го заживеат со трим-патека, велосипедска патека и урбана опрема.
„Јавно го прашуваме в.д. градоначалникот Дејан Митески: Зошто четири години нема ни ‘п’ од проширување на мостот и ни ‘к’ од кеј на Маркова Река? Кога последен пат е исчистено коритото на Маркова Река? Колку казни се изречени во последните четири години за фрлање ѓубре и отпад во коритото на Маркова Река? До кога планирате да ги манипулирате жителите на Горно и Долно Лисиче со разни нереални ветувања како кеј со трим-патека, велосипедска патека и урбана опрема по должината на Маркова река? Заборавивте ли дека ВМРО-ДПМНЕ традиционално има најмногу гласови на сите избори токму во Горно и Долно Лисиче?“, велат од СДСМ.
Оценувајќи оти главниот проблем во Општина Аеродром е начинот на кој в.д. градоначалникот Дејан Митески и ексградоначалникот Тимчо Муцунски управуваат со Општината, опозициската партија повика ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност за неодговорното и недомаќинско управување со оваа општина. Како директно одговорни за последиците од излевањето на Маркова Река, СДСМ ги посочи Митески и Муцунски.