ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„СДСМ сака одвоени избори за да има помала излезност среде лето“

СДСМ не ја исклучува можноста датумот за изборите да се договара во меѓупартиска група во рамки на Собранието. Ова беше барање на опозицијата, откако претходно власта ја повика ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање да назначи свои претставници, но во работната група на Министерството за правда која ги изготвува измените на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Од ВМРО побараа сепак датумот за избори да се договара во Собранието, како клучна институција надлежна за распишување на изборите.

Advertisements

„Нашиот став останува принципиелен дека избори ќе има во редовниот термин, она што е согласно законот и Уставот. Доколку се отвори прашањето за прецизирање на датумот кога да бидат изборите, тогаш ние и тоа прашање ако се отвори кај претседателот на Собранието Талат Џафери, тогаш сме подготвени да делегираме наши претставници во таа работна група, којашто ќе го утврди точниот термин на изборите“, рече Даниела Николова – пратеничка на СДСМ.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, власта избегнува договор за датумот за избори поради партиски тактизирања, што евентуално би резултирале со повторно учество на СДСМ и во идната Влада. Мицкоски го повтори повикот за организирање парламентарни и претседателски избори во ист ден.

„Без разлика што ќе трошат во ова време на кризи десетици милиони народни пари, тие мислат дека ќе имале добар резултат на претседателските, па што подалеку ќе биле парламентарните, луѓето ќе оделе на годишни одмори и излезеноста ќе била помала и на тој начин ќе постигнеле некаков конкурентен резултат, којшто потоа како третопласирани претпоставувам на изборите, ќе им даде можност да учествуваат во некаква идна Влада“, рече Мицкоски.

Мицкоски исто така рече дека веќе доцнат измените во Изборниот законик, бидејќи ваквите промени е препорачливо да не се усвојуваат шест месеци пред одржување на избори. Претходно од опозициската партија кажаа дека нема да делегираат свој претставник во работната група во Министерството за правда, зашто станува збор за технички измени, за кои тие би дале поддршка во Собранието. Што се однесува пак до барањето на опозицијата за двојни избори во редовен термин, собранискиот спикер Талат Џафери брифираше дека единствени датуми за ова да се изведе се меѓу петти и осми мај.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button