ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ, утре гласаат над 23 илјади членови

СДСМ, утре гласаат над 23 илјади членови

Над 23.000 членови на СДСМ утре имаат право на глас меѓу четворицата кандидати за следен претседател на партијата. Предложени се четворица кандидати: поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски, и поранешниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Кандидатката Славјанка Петровска, по искажаното незадоволство од процесот, официјално писмено ја извести Централната изборна комисија во рамките на партијата дека се повлекува од трката и сака нејзиното име да не остане на гласачкото ливче. Петровска го нарече процесот нелегитимен, и изрази сомневања за манипулации со избирачкиот список и злоупотребата на податоците на членовите.

„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимниот избор на претседател и да избегнам соучество во ова прекршување на статутот, ве информирам дека ја повлекувам кандидатурата за претседател на СДСМ… вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со претставници на ЦИК, информирав за сериозни забелешки во врска со точноста и легитимноста на Изборниот список, злоупотребата на личните податоци на илјадници членови на СДСМ, кои продолжија до ден денес, но за жал не добив одговор кој ги побива сите овие наводи“, рече Славјанка Петровска, СДСМ.

Останатите тројца кандидати потврдија дека остануваат во трката.
Централната изборна комисија на партијата, еден ден претходно, рече дека процесот бил легитимен.

Судирите меѓу кнадидатите започнаа порано. Деспотовски, го обвини поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, дека влијае да биде избран Венко Филипче, кој му е близок пријател. Филипче одговори дека обидот за негово дискредитирање само го ослабува СДСМ.

Гласањето ќе се одвива во општинските организации на СДСМ. За да се избере претседател на партијата, еден од кандидатите мора да добие 50% плус 1 глас. Во спротивно, ќе има втор круг помеѓу двајцата кандидати со најмногу гласови. Новиот претседател ќе има мандат само до март, бидејќи СДСМ не успеа да обезбеди кворум за одржување на конгрес за измена на статутот, со што би се обезбедил целосен мандат на следниот претседател./Алсат.мк

Фатлуме Дервиши

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button