СДСМ: Владата на Мицкоски со тотален економски дебакл – инфлацијата го јаде семејниот буџет

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека се случува тотален дебакл на економски план и оти економската политика на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е целосно промашена.
Потпретседателката на партијата Кристина Костова на денешната прес-конференција се осврна на најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои покажуваат инфлација од 3,3 отсто. Според СДСМ, овие бројки не се само статистика, туку реалност која се чувствува во секое македонско семејство, каде „сѐ е поскапено“, а животот станал „купи ден – помини“.
„Инфлацијата го јаде семејниот буџет, платите, но и самиот економски раст. Фалбите за некаков раст на БДП или дека сме биле 4-та економија во Европа немаат никаква врска со реалноста, тоа е една голема лага“, рече Костова.
СДСМ посочи дека премиерот Мицкоски, според нив, „излажал за растот на БДП“, кој, како што наведе Костова, не е 3,4 отсто како што тврдел, туку 3. Кога овој процент ќе се спореди со инфлацијата од 3,3 отсто, СДСМ тврди дека не само што нема реален раст, туку тој е негативен.
Како резултат на ова, куповната моќ на македонските граѓани е најмала во споредба со целиот регион.
„Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42 проценти од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани имаат дури и земјите во регионот, Србија со 51, Црна Гора со 53 отсто и така натаму“, додаде Костова.
Таа ја опиша моменталната состојба како „тажна реалност“, каде животот во Македонија е неподносливо скап, а народот има сѐ помалку пари и преживува од ден за ден.