Се изготвува ново законско решение за сообраќајните камери

Проектот за камери е еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Јас ветив дека во текот на 2025 година ќе имаме имплементиран проект. Освен што ќе треба да ги инсталираме камерите, да ги поврземе со потребните кабли, да ги обезбедиме сите потребни дозволи, ќе треба да промениме и законска легислатива, да ги припремиме и судовите и УЈП во делот на спроведување на постапките, ќе треба еден поширок институционален пристап да има, тоа го работиме во моментов. Се изготвува ново предлог законско решение, рече Тошковски.
Тој нагласи дека овој проект е многу битен од повеќе агли, а искуството во други држави ја покажало оправданоста од имплементирањето на овој систем за безбеден град и безбедна држава. Притоа додаде дека е еден од најклучните проекти на Министерството што мора да бидат имплементирани во иднина.