ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се комплетира групата за уставни измени

На три дена пред истекот на рокот за номинирање кандидати, сè уште не се знае кој сè ќе земе учество во работната група на Министерството за правда која ќе ги крои уставните измени. Од министерството велат дека имињата на членовите ќе ги соопштат во вторник, а првиот состанок ќе се одржи кон средината на месецов.

Advertisements

„Во Министерството за правда пристигнуваат предлози од парламентарните партии за членови на работната група која ќе ги подготвува уставните измени. Официјални покани се испратени и до експертите. Дел од нив веќе го потврдија своето учество“, наведуваат од Министерството за правда.

Поканети се сите парламентарни партии, експерти, како и претставници од МНР, Секретаријатот за европски прашања и Кабинетот на претседателот на државата. Од СДСМ информираа дека ќе го испочитуваат определениот рок и ќе назначат свој претставник во работната група до понеделник. Од ВМРО-ДПМНЕ засега информираат дека нема промена во партискиот став – тие настојуваат за нивниот предлог за промена на Уставот по хрватски терк да се разговара на лидерска средба или на дуел, а потоа да се оформи работна група како дел од процесот на уставни измени.

Од помалите партии во Собранието – Демократски сојуз на Павле Трајанов одлуката ќе ја носи во понеделник, но најверојатно свој претставник нема да назначат. Учество одби и Социјалистичката партија која е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, од Алијанса за Албанците за Алсат потврдија дека ќе назначат свој претставник, но сè уште не го откриваат името. Алтернатива сè уште гради став и ќе го соопштат утре на прес-конференција. Од друга страна, БЕСА информира дека чека писмено барање од Министерството за правда за да назначи член, а потоа ќе го именува. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ повика дебатата за уставните измени да не се води преку телевизија, туку дека место за размена на идеи е работната група на Министерството за правда.

„Мислам дека е многу попрактично, поодговорно и подобро за државата и за граѓаните да земат учество сите политички партии, да не се плашат, еве јас би ги охрабрил да не се плашат и да земат учество, бидејќи и јавно ги изнесоа ставовите, па тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение“, рече Маричиќ.

Маричиќ рече дека Секретаријатот за европски прашања свој претставник ќе назначи во понеделник, а истото се очекува да го стори и МНР. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски претходно кажаа дека ќе го назначат професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој му е и советник на претседателот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button