Се намалува бројот на новозаболени со Ковид-19

Бројот на новозаболени со коронавирусот во земјава се намалува, а кај граѓаните има интерес за вакцинација.
Бројот на новозаразени во вчерашното деноноќие е 46 нови случаи на КОВИД-19 од направени 3.487 тестирања. Оздравени се 89 пациенти. Пријавени се вкупно 15 починати лица, од кои четири лица починале во домашни, а останатите 11 во болнички услови.
Се намалува и бројот на приеми и на хоспитализирани. На инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава се лекуваат 379 ковид-пациенти.
Медицинскиот кадар е веќе вратен во своите болници, а во дел од нив во тек е темелно чистење и дезинфекција. Се ослободуваат болничките капацитети, а здравствените власти изразуваат надеж дека нема да се соочиме со некој нов бран. Велат дека се подготвени и знаат што и како треба да направат.
Досега во земјава се направени вкупно 769.471 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.982, бројката на оздравени пациенти е 146.721, на починати е 5.280, а бројот на активни случаи изнесува 2.981.