
Се намалува индустриското производство. Државниот завод за статистика објави дека во периодот од септември лани до истиот месец годинава работата во индустријата е во пад од цели осум отсто. Статистичарите објавија дека капиталните производи се намалени за 41 отсто, а сериозен пад од 15 отсто е регистриран и кај преработувачката индустрија. Извештајот покажува дека намалување од 4,7 отсто има кај производството на храна, Производството на текстил е намалено за 41, а на облека за речиси 23 отсто. Производството на метали пак бележи пад од 16 отсто, а производството на машини и компјутерски делови бележи намалување од близу 44 отсто.
Намалување на индустриско производство:
Производство на храна – 4,7%
Производство на текстил – 41,6%
Производство на облека – 22, 8%
Производство на метали – 16 %
Производство на компјутерски производи – 43,8%
Производство на машини – 43,8%
Намалувањето на индустриското производство е во континуиран пад, потврдуваат бизнисмените. Тоа според стопанствениците е доказ дека економијата во Македонија не се движи во правилна насока.
„Многу одамна не сме се соочиле со фактот дека енергенсите рапидно поскапуваат, има недостаток на предвидувања дека ќе имаме недостиг од електрична енергија, како еден витален реагенс е исто така е за застрашување за сите нас, но и фактот што репроматеријалите се со многу повисоки цени од минатата година и рокот на испорака е висок…“, рече Владанка Трајкоска претседателка на Организација на работодавачи.
Во исто време, Статистика објавува дека во индустријата се намалува и работната сила. На годишно ниво бројот на работници е намален за 2,1 отсто. Намалување на работен кадар има во други индустрии, а стопанството не може да најде ни квалификувани работници.
„Преструктуирање на работоспособното население, нивна дообразба, преквалификација и мотивација на сите нив. Да ги променат своите размислувања и да го бараат своето работно место онаму каде што се нуди во стопанството“, додава Трајкоска.
Од друга страна пак, Владата уверува дека кризата полека поминува и приватниот сектор се опоравува од двегодишната пандемија. Но, Статистиката и информациите од терен покажуваат дека тоа не е така. Индустријата е далеку од ликвидна, а работа сè потешко се наоѓа.
Иле Петревски