Се очекува Владата да донесе одлука за скратување на периодот на изолација од 10 на 7 дена

Кризниот штаб ја одобри препораката на Комисијата за заразни болести, која предложи да се скрати периодот на изолација од 10 на 7 дена за позитивните лица со Ковид 19. Препораката е доставена до Владата и треба да се расправа на следната седница. Надлежните известуваат дека ваквата препорака на КЗБ доаѓа поради што видот Омикрон на корона вирусот предизвикува полесна клиничка слика во споредба со претходните мутации на вирусот.
Во меѓувреме, изолацијата на контакти со заразени лица сè уште трае 14 дена, но тоа не важи за лицата вакцинирани со две дози. За разлика од Северна Македонија, во повеќето земји од регионот изолацијата на контактите е намалена на 5 дена. На почетокот на пандемијата, изолацијата во некои земји траеше и до 28 дена додека сега речиси сите земји во светот го спуштија овој праг на 5 и 7 дена. Сепак, сè уште не е научно докажано колку дена позитивно лице со корона може да биде носител на вирусот.
Некои студии покажуваат дека една третина од луѓето со Ковид19, на петтиот ден од почетокот на симптомите или позитивниот тест, сè уште се заразени. Во некои случаи, дури и по добивањето негативен тест, пациентот може да биде преносител неколку дена. Некои британски експерти проценуваат дека луѓето кои имаат Ковид 19 го шират вирусот од 2 до 10 дена по почетокот на симптомите. Иако најновата варијанта Омикрон е многукратно по- распространета од другите мутации, таа не предизвикува сериозна клиничка слика и врз основа на тоа, експертите предвидуваат дека Омикрон дава позитивни сигнали за крај на пандемијата. Вчера, Светската здравствена организација соопшти дека акутната фаза на пандемијата може да заврши оваа година. Експертите предвидуваат и дека пандемијата ќе се претвори во ендемија, а Ковид19 ќе стане како сезонски грип, додека вакцината против корона ќе стане вакцина што ќе треба да се зема секоја година за заштита од инфекција./Алсат.мк
Вјолца Алити