Се подготвува национална стратегија за развој, владеење на правото и борба против корупцијата

Правната држава да почне од политичките партии и крупните одлуки да не се носат на лидерски средби, туку во институции. Ова беше главната порака на академик Владо Камбовски на јавната расправа организирана во Собранието. Тој порача дека земјата треба да ги реши овие прашања веднаш, уште пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Група експерти веќе ја подготвуваат националната стратегија за развој, владеење на правото и добро владеење. Проблемите што ги открија се следните:
„Во рамките на зајакнувањето на независноста, ефикасноста и непристрасноста на судството се споменуваат овие предизвици: Нарушена доверба во судството и голема зависност на судството од извршната власт, недостиг на кадар во судството и во јавните обвинителства, што се одразува на квалитетот на правдата кај нас, недоволно дигитализирана, транспарентна и одговорна правда, недоволно инклузивна и балансирана правда“, рече Беса Арифи, професорка.
Други проблеми се и немањето пари и кадровски капацитети, како и несоодветен систем на санкции за спречување на корупција и судир на интереси. И власта и опозицијата не веруваат во добрата намера за реформи во правосудниот систем и доброто владеење.
Расправата се одржа во Комисијата за европски прашања во Собранието.
Фатлуме Дервиши