ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се пополнуваат амбасадорските места во ОБСЕ, Софија и Осло

Се пополнуваат амбасадорските места во ОБСЕ, Софија и Осло

Македонија ги пополнува испразнетите амбасадорски места во Виена, Осло и Софија. Според информациите на Алсат трите предлога на МНР добиле зелено светло, односно агремани, од земјите каде што се испраќаат во дипломатска мисија.

Advertisements

Неофицијално, во Австрија, како шеф на Мисијата во ОБСЕ, заминува Едмонд Адеми, кој е поранешен министер без ресор задолжен за дијаспората и актуелен советник за надворешни работи на премиерот Димитар Ковачевски. Адеми функцијата ја презема во пресрет на претседавањето на земјава со ОБСЕ во 2023 година.

Амбасадорската фотелја во Норвешка пак, му припадна на Дритон Кучи. Кучи беше министер за економија во април 2016-тата година, како дел од бранот нови кадри кои Али Ахмети ги предложи, откако во екот на тогашната политичка криза реши да ги повлече сите свои министри и заменици-министри.

Од Брисел во Софија се сели Агнеза Руси Поповска. Таа е дипломат од кариера и во моментов е шефица на Мисијата во Европската унија. Македонија е без амбасадор во соседна Бугарија од април 2020 година, а вршител на должноста е Владимир Крстевски.

Поради трансферот на Руси сега пак, се отвора позицијата во Брисел. По неуспешниот обид таму да биде испратена екс-градоначалничката на Тетово Теута Арифи, засега не се споменуваат нови имиња кои би биле прифатливи да ја претставуваат земјава. Дел од медиумите пишуваа дека покрај Виена, Осло и Софија, неодамна на затворена владина седница биле утврдени кандидати и за Париз и Вашингтон. Според непотврдени информации, во Франција било планирано да замине актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, а во САД актуелниот државен секретар во МНР, Зоран Попов. Засега нема информација дали овие предлози биле прифатливи за Париз и Вашингтон и дали воопшто се очекува агреман за нивно испраќање како амбасадори или пак, како и во случајот со Арифи, предлозите се повлечени.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button