Се проширува истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани
Се проширува истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани

Нови претреси на повеќе локации во Кочани и Скопје – Одземени се предмети кои ќе се користат како докази во истрагата за страотниот пожар, а неофицијално во полициска станица од вчеравечер се наоѓаат сопругата и ќерката на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко. Од Обвинителството не ја потврдуваат оваа информација, но велат дека и вчера и денеска се вршеле распити со повеќе лица.
“Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија” – Основно Јавно обвинителство.
За евентуални нови приведувања, од Обвинителството велат дека ќе информираат во текот на денот, а акцијата за обезбедување докази без да откријат повеќе детали ја потврди и Министерството за внатрешни работи. Од обвинителството пак дополнително информираат и дека денеска ќе биде издадена наредба до управата за финансиска полиција за и тие да се преземат дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, но и за други лица. Истрагата за пожарот во кој животот го загубија 59 млади животи досега опфати 34 физички и три правни субјекти. Меѓу овие лица во притвор се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, екс директорот на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, градоначалникот во оставка на Кочани Љупчо Папазов, но и неговите претходници Ратко Димитровски и Николчо Илиев. Зад решетки завршија и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, како и поранешниот државен секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ. Обвинителскиот тим од вчера се прошири на 11 истражители, кои пак се очекува да извршат распит со повеќе од 300 сведоци. /Алсат.мк
Михајло Донев