Се ревидира проектот за автопатот кон Блаце – прескап и можеби неизводлив, вели министерот Николовски
Министерството за транспорт и врски, заедно со Јавното претпријатие за државни патишта прават ревизија на проектот за последните дванаесет километри од автопатот кон Блаце, соопшти денеска министерот за транспорт и врски, Александар Николовски. Како што рече тој, постоечкиот проект не ја следи актуелната траса кон Блаце туку е сосема нова, планинска, неизвесно дали е изводлива и со многу скапи делови.
„Овие 12 километри не се движат по постојната траса, којашто сите ја познаваме. Од страна на Косово има еден кружен тек и логично е тука да се приклучиме. Но, од Јавното претпријатие за државни патишта, претходното раководство, на чело со Ејуп Рустеми, одлучиле, до денес не знам зошто, да одат по нова траса, којашто е планинска и во којашто траса, од 12 километри, шест километри се тунели. Во моментов проценетата вредност е 240 милиони евра, што е 20 милиони евра по километар и второ прашање е дали тоа воопшто може инженерски да се изведе“, рече Николовски.