Се составува групата за уставни измени, од опозицијата само БЕСА

Министерството за правда до полноќ ќе чека кандидати за членови на работната група која ќе ги крои уставните амандмани. Владејачките партии веќе ги соопштија имињата на своите претставници. СДСМ ја предлага поранешната пратеничка и актуелен генерален секретар на Собранието, Цветанка Иванова. ДУИ го назначи пратеникот и претседател на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, додека Алијанса за Албанците, пратеникот Ремзи Мехмеди. Неофицијално, свои претставници предложиле и помалите партии од владејачката коалиција, а од опозицијата свој претставник веројатно ќе има само БЕСА. Учество во работната група одбија ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива и Демократски сојуз.
Според премиерот Димитар Ковачевски, ваквиот потег на опозициските партии е очекуван, но додаде дека евроинтеграцијата не смее да биде заложник на кариерата на еден човек. И покрај неучеството на опозицијата, процесот за уставни измени ќе продолжи.
„Откако ќе бидат направени амандманите тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладините организации, бизнис заедницата, медиумите за да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија“,, рече Ковачевски.
Уставните измени ќе ги поддржи и огнената група во ДУИ, која функционира како фракција во рамките на партијата. „Остануваме цврсто на иницијативата за уставни измени кои на земјата ќе ѝ дадат три перспективи на патот кон интеграција во ЕУ, а истовремено ќе ја почитуваме апсолутната волја на албанскиот народ за отстранување на дефиницијата ‘20 отсто’ од Уставот во однос на албанскиот јазик.“
Во текот на денешниот ден министерот за правда Кренар Лога се сретнал со американската амбасадорка Агелер, при што ѝ нагласил дека е важно во процесот да учествува и опозицијата. Инаку, свои претставници во работната група на Министерството за правда ќе имаат и претседателот Стево Пендаровски со советникот Александар Спасов, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања, а ќе има и експерти по уставно право и претставник од МНР. Од Министерството најавија дека официјалната листа со членови ќе ја соопштат утре.
Лука Андреев