Се уништуваат запуштените плажи во Охрид

Некогаш најатрактивните плажи на Охридското крајбрежје стануваат небезбедни за туристите и минувачите. На плажата Потпеш се урна дел од ресторанот. Екипи на јавните претпријатија денеска ја расчистуваа плажата. Поранешните концесионери бараат институциите да најдат начин да го решат идниот статус на плажите во Охрид затоа што во моментов нема кој да се грижи за нив бидејќи останаа без концесионери.
„Негрижата, објект без домаќин можеше да доведе до трагедија… За жал стигнавме во ситуација, каде можеме да констатираме откако не работи плажата дека сè е руинирано. Утре, задутре и другите постојни објекти ќе ја доживеат истата судбина“, рече Димитар Пендов-поранешен концесионер на плажа на Потпеш.
Наместо за туристички намени, сега овие плажи многу често стануваат собиралишта на несовесни групи со млади луѓе.
„Јас често пати проаѓам овде и секојдневно гледам дека е собираат групи на младинци, несовесни, палат огнови. Оградите, дел од конструкцијата на чардакот беше оштетена“, додава Пендов.
Со охридските плажи веќе втора година никој не концесионира. Минатата локална власт ги затвори. Во меѓувреме централната власт требаше да се донесе посебен план за уредување на Охридското крајбрежје, но проектот тапка во место. За нерешениот проблем градоначалникот Пецаков ја обвинува актуелната Влада.
„Започнаа со рушење на плажите и ги ставија вон функција без да се понуди никакво решение за веќе постоечките или да се реши што понатаму со нив. Оставија неколку објекти сами на себе и се случи тоа што се случи…“, рече Пецаков.
Дел од концесионерите пак, ја тужат општината за претрпените штети и бараат да ги обештети поради претрпените загуби од неработењето. Доколку го добијат спорот, Охрид ќе треба да им исплати неколку стотици илјади евра.
Мики Трајковски