ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се уште нема договор меѓу Град Скопје и превозниците

Приватните превозници и Град Скопје се уште немаат договор приватните автобуси да бидат пуштени во сообраќај. Транспортерите велат дека доставиле дел од документите што ги бара Град Скопје и очекуваат да бидат повикани на втор состанок.

Advertisements

„Од тој ден ги завршивме работите кои ни беа предложени, сега очекуваме да имаме втор состанок, на таа средба ќе се разјаснат многу работи и поконкретно ќе се знае што точно ќе се случи… Како што знаете, имаме две главни точки што ги бараме, тоа е долгот и враќањето на работа, сега за сега работиме на двете точки, прво работиме на долгот, а потоа на враќање на работа. Мислам дека деновиве ќе ја имаме втората средба со Арсовска и точно ќе се знае што“, рече Хисен Алили- приватен превозник.

Од Град Скопје не соопштуваат детали кога очекуваат да ја одржат следната средба со приватните превозници.

„Средбата ќе биде организирана во согласност со разговорите и договорот со новото координативно тело на приватните превозници, за што ќе бидете соодветно известени“, наведоа од Град Скопје.

Во меѓувреме, станиците во главниот град и понатаму се полни. Граѓаните велат дека со часови чекаат автобус, додека во одредени периоди од денот воопшто не можат да дочекаат автобус.

„Два, три часа се возиме до Арачиново, автобуси воопшто нема, долго чекаме… Транспортот е катастрофа, не знам какво решение ќе има за превозот, ние трпиме, има деца кои одат на училиште, на работа, во болница, терминот поминува, ова е катастрофа…“, реагираат граѓаните.

Три месеци откако приватните превозници престанаа со работа поради долгови од Јавното претпријатие, минатата недела на средба беа примени од градоначалничката Данела Арсовска. Транспортерите наведуваат дека постои позитивна волја за решавање на нивниот проблем, не наведувајќи детали како ќе се реши прашањето за долгот и враќањето во сообраќај.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button