Сè уште нема конкретно приближување на позициите меѓу коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и СДСМ, за предлог-законот за државјанство

Сè уште нема конкретно приближување на позициите меѓу коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и СДСМ, за предлог-законот за државјанство. За денеска беше закажана координативна средба меѓу премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, но тој е во Турција. Ниту од СДСМ, ниту од Владата не соопштуваат дали ќе се одржи оваа средба и дали се очекува да излезат конкретни ставови и предлози од неа. Она што се дознава е дека во текот на неделава сепак може да се очекува нова средба меѓу пратеничките групи и Алијансата и Алтернатива и на СДСМ, со претставници на Владата, поточно со премиерот Заев. ВМРО-ДПМНЕ пак, бара предлогот на албанската опозиција да биде ставен на дневен ред, за да види дали ужива поддршка од 61 пратеник или не. Христијан Мицкоски вели дека за повлекување на амандманите на овој предлог ќе се чека најавената средба. ВМРО бара од албанската опозиција да го деблокира економскиот пакет бидејќи на тој начин им наштетува и на албанските бизниси. Од првиот состанок минатата недела, разликите сè уште остануваат. Албанската опозиција бара заеднички предлог, додека другите парламентарни партии не се поместија од своите позиции. „Левица“ не ги повлекува амандманите, а од ДУИ велат дека ќе го поддржи при гласањето. Движењето Беса обвинува дека со законот се игра за добивање политички поени, а за СДСМ, предлогот како таков останува неприфатлив. Спорни одредби остануваат стекнувањето државјанство преку тројца сведоци, регулирањето на процедурите за конечно мислење од страна на безбедносните служби и вкрстувањето на предлогот со законот за странци, како и одредбите за дозвола за престој.
Адријан Керими