ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се уште нема ниедна пресуда за Мерко

Нема крај за судските предмети што се водат против струшкиот градоначалник. Рочиштата често се одлагаат од банални причини, дури и затоа дека сведоци имале куќна слава. Експерти не се оптимисти дека до локалните избори ќе има пресуда. Велат иако судовите работат со ограничени можности, сепак постојат механизми кои ги би забрзале процесите. Против Мерко во моментот активни се девет судски предмети.

Advertisements

Една година од влегувањето во судница и скоро две години од ставањето на Црна листа на американскиот Стејт Департмент, нема ниту една пресуда за се уште актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко. Иако помина точно една година откако на 26 април лани, почна првиот судски процес против него, за набавката на луксузното Ауди А6 и уште три други автомобили во вкупна вредност од 114.000 евра, не само што не му се гледа крајот на истиот, туку минатиот месец, судењето почна од почеток. До локалните избори има уште половина година, па прашање е дали дотогаш, Мерко ќе ја слушне првата пресуда. Против него во моментот се активни девет судски предмети. Ниту експертите не се големи оптимисти дека ќе дојде до тоа.

„За очекување е да има барем првостепена пресуда во дел од овие предмети, бидејки некои од нив не се нови предмети кои што туку започнуваат, ниту станува збор за комплексни случаи. Така што во дел може да се очекува, меѓутоа не верувам дека би имало правосилна одлука до крајот на оваа година“, рече Дарко Аврамовски, коалиција сите за правично судење.

Во мај 2024 година почна судењето и за незаконското поставување на директор во основното училиште во Лабуништа, но и за овој предмет и за уште четири други, каде Мерко се терети по истиот основ, не се гледа крајот. Судските рочишта за сите предмети кои се водат против Мерко, многу често се одлагаат, честопати и со банални изговори, како на пример, дека сведоците имале куќна слава или им почнала градежната сезона, како што беше во едно од претходните рочишта, па судијата нареди сведоците следно да бидат донесени со полициска асистенција.

„Во однос на причините поради кои се одлагаат, тоа е еден проблем со кој се соочуваат голем број на судовите. Се релативно ограничени можностите кои ги има судот, но на крајот од денот, судот има одредени механизми, кои може да го забрза текот на судењето, а да не бидат нарушени правата на одбраната. Меѓутоа гледаме во пракса дека често судиите се двоумат дали да ги искористат овие механизми, па најчесто остануваат неискористени и поради тоа се забележува вакво долго траење на судењата, кое не би се случило доколку би имало соодветно менаџирање на текот на расправата“, рече Дарко Алексов, коалиција Сите за правично судење.

Во јули лани Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен акт против 11 физички и едно правно лице во врска со бесправно градење на објект кај базенот на еден струшки хотел, помеѓу кои како трето обвинет е Мерко. Сопственикот на фирма поднел барање за реконструкција на базенот во хотелот, но од струшкиот градоначалник добил дозвола да изгради цел објект. Но и ова судење никако да почне. Истото веќе двапати се одлага. Мерко се соочува со обвиненија сторени во временски различен период. Веќе наредната недела, тој повторно ќе седне на обвинителна клупа. Најпрво за луксузното Ауди А6 и поставувањето на спорната табла со која се величел фашизмот, на влезот на општинската зграда, додека на 9 април, за незаконското поставување директори во основните училишта.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button