
И покрај бројните извештаи кои веќе излегоа од здравствените институции, во врска со смртта на бебето Рија Сулиси пред две недели, сè уште нема одговорен. Клиниката за белодробни заболувања Козле се огради, велејќи дека сите лекари вклучени во лекувањето на детето ги презеле и спровеле сите потребни испитувања, вклучително и терапијата и медицинските протоколи. Сепак, институциите се чини дека купуваат време со пинг-понг изјави. Од Министерството за здравство, нема никакви мерки, ниту суспендирање на одговорниот лекар
Лекарите од Клиниката за детски болести кои се посочени како „одговорни“ сè уште работат, единствената мерка што е преземена против нив е тргање од дежурствата. За поригорозни мерки, директорот на клиниката, Реџеп Мемеди, не смета дека е соодветно да ги преземе без да ги има заклучоците на Лекарската комора.
„Лекарите посочени со имиња, за кои имаме забелешки во извештајот, се отстранети од распоредот за дежурство, но секако тие продолжуваат да доаѓаат на работа додека не добиеме конкретни мерки предложени од Комисијата за етички прашања во Лекарската комора. Една од мерките што итно ги презедовме беше да ги отстраниме од распоредот за дежурство. Треба да го почекаме извештајот или заклучоците што ќе ги предложи Комисијата од Лекарската комора. Се работи за двајца лекари специјалисти“, рече Мемеди.
Лекарите кои се вклучени во случајот со 14-месечното бебе како во Универзитетската клиника за детски болести и болницата во Козле ќе продолжат да работат додека не се донесе конечна одлука од Етичката комисија на Лекарската комора. Извештаите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Комисијата формирана од Министерството за здравство, покажуваат дека има и медицински пропусти при лекувањето на 14-месечното бебе кое почина на 5 октомври.
Линда Ебиби