
Собранието сè уште не одлучило за формирање на Истражна комисија за скандалот на Онкологија која беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија предлага преку оваа комисија да се докаже политичката одговорност и начинот на кој со години се дозволуваат злоупотреби. Предлагаат СДСМ, ДУИ и Алијанса да имаат мнозинство во комисијата, а пратеник на ВМРО да претседава со неа.
Од СДСМ бараат случајот да не се политизира.
Според опозицијата, веднаш по објавувањето на скандалот прв кој требало да поднесе оставка е актуелниот министер за здравство.
„Во право сте, но доцните, доцните затоа што случајот не се случил сега. Случајот се случи, велите во 2016 година, но можете ли да нè уверите дека тоа не се случувало и порано? Министрите требало да поднесат оставки многу порано кога се појавија првите знаци на ова нечовечко однесување“, рече Илире Даути, Алијанса за Албанците.
Предлогот за формирање на истражна комисија за случајот Онкологија доаѓа околу две недели по објавувањето на скандалот со злоупотреба на терапии од страна на добро организирана мрежа вработени кои подоцна ги продавале на црниот пазар. Тоа се случувало во изминативе десетина години.
Фатлуме Дервиши