Се враќа идејата Собранието да има сопствена полиција или посебно обезбедување
Се враќа идејата Собранието да има сопствена полиција или посебно обезбедување

Собранието наскоро може да добие сопствена полиција или соодветно обезбедување само за законодавниот дом. Идејата е отворена и веќе е формирана работна група од страна на претседателот на Собранието, во која се вклучени и претставници на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на средба со новинарите изјави дека идејата Собранието да има свое обезбедување значи поголема независност за законодавната власт, а во структурата на оваа единица ќе има само професионални кадри. Неговите наводи ги демантираат шпекулациите за вклучување на надворешни приватни безбедносни компании, нарекувајќи ги невистинити. Министерот за правда, Игор Филков, изјави дека во текот на неделата ќе се одржи состанок на работната група на кој ќе почне прецизирањето на деталите.
Идејата за Собраниска полиција беше дадена уште во 2017 година, кога се случија немирите на 27 април во Собранието, а токму пропустите на тогашните безбедносни структури овозможија толпата да влезе внатре. Тогаш за Собраниска полиција интерес покажаа и меѓународни организации, нудејќи предлози како функционира германскиот и хрватскиот модел. Но, идејата остана само на хартија поради трошоците што ги предвидуваше една таква реформа, вклучително и донесување на посебен закон, униформи, простор, нов комуникациски систем, возила и целосна потребна опрема./Алсат.мк