Се вжештува реториката во кампањата на СДСМ и ВМРО

Додека владејачките партии, СДСМ и ДУИ, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги објаснија нивните ставови за вториот круг од изборите, односно кого ќе поддржат на 31 октомври, албанската опозиција продолжува со консултациите. Од Алијанса за Албанците за Алсат велат дека разговорите со Алтернатива и БЕСА продолжуваат во позитивна атмосфера и оти наскоро ќе излезат со конечен став.
Овие партии се очекува да се изјаснат за поддршката во Тетово и Желино каде се соочуваат кандидатите на БЕСА и на ДУИ, како и во другите општини каде кандидатите на Алијанса и Алтернатива се борат со кандидатите на ДУИ. Во меѓувреме, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во своите кампањи ја заострија реториката на средбите со гласачите. Зоран Заев во синоќешниот говор во Скопје побара од коалиционите партнери и граѓаните да му се приклучат на СДСМ. Тој рече дека ако власта го загуби Скопје, тогаш ВМРО можело да ја врати земјава во 2001 година.
Но, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, изјави дека Зоран Заев сака да ги втурне граѓаните во параноја и да ги плаши со минатото. Тој го обвини Заев дека заедно со челниците на ДУИ ги изолираат граѓаните.
Инаку, од ВМРО вчера најавија дека во вториот круг од локалните избори ќе ги поддржат сите кандидати на Алијанса и Алтернатива секаде каде што се натпреваруваат против СДСМ и ДУИ. Заев најави поддршка за ДУИ, од кои го очекува истото каде што СДСМ е во вториот круг против ВМРО-ДПМНЕ.
Мефаил Исмаили