ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Седум години се опремуваше заштитената просторија во Собранието

Државата бавно ги спроведува речиси сите законски механизми за надзор на безбедносните служби. По речиси седум години од договорот и првичниот план за реформи, конечно е завршена реализацијата на „тивката, заштитена или глува просторија“ во Собранието. Ова го потврдија од кабинетот на првиот човек на Собранието, Африм Гаши, по средбата со претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ) во Скопје. Глувата просторија треба да биде простор каде комисиите за надзор на тајните служби ќе одржуваат состаноци, без ризик од продор на електромагнетни бранови, за да се заштитат тајните информации. ДЦАФ ги помагаше преговорите за реформи во безбедносните служби уште од политичката криза предизвикана по масовното прислушувања на безбедносните служби и го следеше нивното спроведување, а Гаши денеска ги информираше за преземените мерки и степенот на нивната реализација.

Advertisements

„Соговорниците споделија задоволство од завршувањето на проектот „заштитена просторија“ која се очекува наскоро да биде пуштена во употреба, по завршувањето на преостанатите процедури за технички прием и акредитација кои се во тек. Беше нагласена и потребата од конституирање на Советот за цивилен надзор, за да се постигне ефективен парламентарен и цивилен надзор на безбедносно-разузнавачкиот сектор“, наведуваат од Собранието.

Советот за цивилен надзор над безбедносните служби, кој требаше да биде составен од експерти од правда и безбедност, е нефункционален. Неговите поранешни членови поднесоа оставки бидејќи Собранието не создаде услови за негово нормално функционирање, немаа доволно компјутери за работа, го немаа потребниот софтвер, ниту потребните технолошки експерти за дешифрирање на работата на безбедносните служби.

Покрај Цивилниот надзорен совет, и три парламентарни комисии имаат овластувања да ги надгледуваат безбедносните служби. Комисијата за следење на работата на оперативно техничката агенција со години бараше и не успеа да добие двајца технолошки експерти кои и беа потребни за техничкиот аспект на надзорот. Поради тоа, никој не може со сигурност да каже дека во земјава нема незаконско прислушување и дека безбедносните служби работат согласно законот.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button