Седум починати од Ковид-19 во Тетово за 24 часа

Седум починати во изминатите 24 часа од 7 часот вчера до утринава во 7 часот бележи Ковид центарот во тетовската клиничка болница, информираше координаторот доктор Гзим Нуредини.
Починатите се на возраст од 43 до 76 години. Иако првично информираа дека меѓу починатите има 19 годишна девојка, координаторот Нуредини посочи дека станува збор за грешка при евиденцијата со матичен број во Клиничка болница и дека жената има 60 години.
– Починатите се со хронични болести. За тие 24 часа бележиме 15 нови примени на болничко лекување, како и 192 амбулантски прегледи. Вкупно сега има 111 на болничко лекување, меѓу кои шест пациенти со една доза и само еден со две дози примена вакцина, информираше денес Д-р Нуредини.
Вчера во Тетово имаше четири починати, со што во текот на пандемијата достигна бројка од 341 починати поради Ковид-19.
Од вчера во клиничката болница Тетово за болничко лекување почна да се користи и третиот кат од интернистичкиот блок покрај модуларна болница, инфективно одделение и два ката од интерно одделение.