
Европската гаранција за деца како механизам на ЕУ за спречување на сиромаштијата и социјалната исклученост е особено важна за Северна Македонија, каде што секое трето дете живее во сиромаштија, апелираше денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
„Ова е значително повисока стапка од општата стапка на сиромаштија кај вкупното население. Особено ранливи се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца. Податоците за сиромаштијата кај децата се алармантни и укажуваат на потребата од итни и ефективни мерки“, изјави Лимани во обраќањето на конференцијата „Гаранција за деца – инструмент за искоренување на сиромаштијата и исклученоста на децата“.
Осврнувајќи се на Националниот акциски план за правата на децата 2025 – 2029, министерот потенцираше дека еден од приоритетите е зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата. Тој вели дека се работи на проширување на капацитетите за предучилишно обазование за повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование.