ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Секој ден од Охридското езеро нелегално се ловат 500 кг риба

Во Охридското езеро дневно нелегално се ловат и по 500 килограми риба, алармираат спортските риболовци. Со езерото неколку години никој не стопанисува, па тоа е оставено само на себе. Радован Димитриевски спортски риболовец вели дека нелегално риба се шверцува од Македонија во Албанија и обратно и оти според нивни проценки, неделно околу еден и пол тон Охридска пастрмка завршува на нелегалниот пазар во земјава. Се продава и по рестораните по цена до 60 евра за килограм.

Advertisements

„Мора да се стави крај на сето тоа. Дали да се додели коцесија за стопански риболов, но ние сме против тоа, бидејќи езерото е уништено. Гледате дека кај нас се лови само белвица, бидеќи ја нема пастрмката, додека пастрмка се лови само во Албанија и се шверцува овде. Значи се врши размена на белвица и пастрмка. Секаде се врши нелегален излов на риба, но никој не ги контролира“, вели Димитриевски.

Загрижува податокот што во изминатите 20 години популациите на ендемичните видови Охридска пастрмка и белвица се на критично ниво, велат екологистите.

„Тоа е затоа што овие 20 години покажаа дека е потребен видео-надзор којшто ќе ги следи сите активности во близина на населените места и би ги стопирал, односно би ги редуцирал на минимум сите оние незаконски дејствија кои се однесуваат како на илегален риболов, палеење и уништување на трска и натрупување на отпад“, рече Ѓоко Зороски, екологист.

Еден од предлозите е државата да менаџира со самото езеро, за да се стопира нелегалниот улов на риба и уништувањето на рибната популација.

„…Единствен начин да се обезбеди менаџирање со езерото е самата држава да направи максимален напор таа да го спроведува менаџирањето“, рече Дејан Пановски- експерт за води.

Додека Охридското езеро чека некој да го земе под заштита, се случува масовна кражба на риба и се нанесува огромна штета врз растителниот и животински свет во него.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button