Секоја година се помалку заинтересирани за полицијата
Секоја година се помалку заинтересирани за полицијата

На декемврискиот конкурс за вработување на 600 нови полицајци се пријавиле околу 1.200 лица, велат од МВР за Алсат, додека процесот на селекција продолжува. Според огласот, половина од избраните кандидати ќе се вработат во Скопје, а останатите ќе бидат вработени во секторите за внатрешни работи низ државата.
Податоците на Алсат покажуваат дека во последните 10 години има континуиран пад на интересот да се стане полицаец. Ако некогаш за полициско место конкурирале 10 лица, со последниот конкурс само 2 се борат за едно место.
Конкурсот се одржува во отсуство на правен механизам за обезбедување правична и соодветна застапеност, откако Уставниот суд во октомври минатата година го укина балансерот, односно забрани вработување по етничка припадност. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно за Алсат нагласи дека и покрај овој факт ќе се почитува правичната и соодветна застапеност.
Кандидатите во процесот на селекција, покрај општите услови, мора да поседуваат и здравствени и психофизички способности.
Постапката за избор на кандидати ја спроведува Комисијата за избор на кандидати за полицајци формирана од министерот, која го утврдува редоследот на фазите на селекција. Првично се врши административна селекција, по што следи тестирање на моторичките вештини, каде се проверува физичката подготвеност на кандидатот. Кандидатите потоа се подложени на психолошко тестирање и општообразовно тестирање. Доколку ги поминат овие фази, кандидатот се повикува на интервју, односно индивидуален разговор, по што се вршат безбедносни и здравствени контроли.
Доколку кандидатот успешно ги помине овие фази, тогаш склучува договор за основна полициска обука во рок од една година, што се спроведува во Центарот за обука на МВР. По завршувањето на основната обука, кандидатот склучува договор и се стекнува со статус на „полициски приправник“. Од новиот полицаец се бара да остане на работното место најмалку пет години, во спротивно мора да ги надомести трикратните трошоци за обука.
Министерството за внатрешни работи соопштува дека во сабота ќе се изврши промоција на новите полициски службеници, кои беа избрани од прелиминарниот конкурс./Алсат.мк
Суад Бајрами