Села ги кани партиите да изготват закон за реален ветинг во правосудството

Алијансата за Албанците смета дека спроведувањето на ветинг во судството е итно. Лидерот на партијата Зиадин Села, ги повика сите политички актери да седнат на маса и сериозно да работат на изготвување на закон за ветинг, за кој се подготвени да го достават до Собранието дури и ако другите партии не одговорат на нивниот повик. Партијата на Села како резултат на анализа дава низа препораки и во однос на судството.
„Мора да се изврши ветинг во судството за да се отстранат „заробените“ и корумпирани судии и обвинители. Овој процес ќе го спроведе независно тело специјално формирано поради оваа причина. Европската комисија треба да спроведе дополнителни проценки за владеењето на правото, предводени од независни експерти, слично на Извештајот на Прибе. Треба да се формира работна група за реформи во правосудството за да се направи сеопфатна проценка на причините за заробувањето на судството“, рече Села.
Меѓу препораките на Алијанса е формирање на советодавна и набљудувачка работна група за владеење на правото од страна на европските институции, реорганизација на основните судови, воспоставување нови рамки за интегритет и отчет на судиите, обвинителите и народниот правобранител и отворени податоци за поголема транспарентност. Села пред медиумите спомена голем број имиња кои се на позиции во судовите, обвинителствата и другите органи на правдата, но кои на некој начин се поврзуваат со а функционери на ДУИ. Тој вели дека никој не се сомнева дека судството е длабоко политизирано.
„Во секоја судска институција доволен е повик од Мала Речица за да се запре или саботира кривичното гонење секогаш кога ќе се засегне интересот на ДУИ. Тие се грижат случајот каде што се засегнати нивните интереси, да оди на маса на нивни обвинители и судии за да можат потоа да ги саботираат случаите“, рече Села.
Алијансата за Албанците сѐ уште не разговарала за оваа иницијатива со другите опозициски партии, но јавниот повик останува отворен за оние кои сметаат дека судството треба да се ослободи од владејачките партии. Тој вели дека ги информирал и претставниците на меѓународните институции.
Фатлуме Дервиши