Села: Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите, друга опција не треба да постои

Сметам дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и друга опција за нас како држава не треба да постои. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по денешната средба во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став како партија.
Села, нагласи дека Алијанса за Албанците и пред овој предлог да биде конечен, имале став во врска за спорот со Бугарија.
– Јасен е нашиот став дека тој спор треба да се реши почнувајќи од најосновното, ако веќе има проблем меѓу соседи, соседите треба да почнат да се признаваат меѓу себе. Од друга страна, јас пред Самитот на ЕУ, се изјаснив како претседател на партијата дека не се работи само за прифаќање или не на францускиот предлог, туку се работи за продолжување или не по патот на евроинтеграциите и мислам дека тоа треба да биде пристапот на политичките чинители внатре во државата, изјави Села.
Во врска со ова, нагласи Села е и ставот на АА за „Отворен Балкан“, односно дека не треба да создаваме алтернативи за ЕУ и единствениот пат на Северна Македонија треба да биде членството во ЕУ.