ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Села во околината на Скопје се соочуваат со недостиг на вода за пиење

Основниот елемент за живот го немаме, како да живееме во ова село? Со овие зборови им се обрати Сетки Махмути, жител на селото Арнакија, кое веќе десет дена нема вода ниту за пиење, ниту за хигиенски потреби.

Advertisements

„Ова е начинот на кој исчезнува еден народ, поинаку не може да исчезне. Имам три деца, ниту едно не ми е дома – две се во Германија, едното во Италија. Ние, двајца старци, останавме дома поради овие проблеми. Нема вода, порано ни ја прекинуваа и лебот, немавме финансиска помош од државата за да ја обработиме земјата, па моравме да тргнеме во потрага по егзистенција, по леб. Ете, останавме во ваква состојба, цела недела на 40 степени температура, а немаме ни капка вода за да си ја разладиме душата“, вели Махмути.

Покрај Сетки, со недостиг на вода се соочуваат речиси сите жители на двете села Арнакија.

На 40 степени Целзиусови, двете села од Општина Сарај, Горна и Долна Арнакија, се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Според жителите, трите летни месеци, овие две села со години се соочуваат со недостиг на вода.

„Веќе речиси една недела немаме ни капка вода. Како се снаоѓате? Некој има бунар, а некој оди во Сарај, полнат само за пиење, за други потреби – нема“, рече Абедин Сулејмани – Жител на селото Арнакија.

Во селото Арнакија во Скопје недостасува вода, но не и сметките за вода, кои доаѓаат секој месец. Некои жители завршиле и со казни од извршители поради неплаќање на сметките за вода.

„Бројачи за вода немаме, не се функционални, не доаѓаат да ги читаат, само ни ги праќаат сметките паушално. И покрај тоа што плаќаме – како ќе плаќаат оние што се погоре кога немаат вода? Да, мнозинството завршија кај извршители, и казни сме плаќале, јас лично платив над 100 евра казна оти завршив кај извршител. А, цело време ли немаше вода? Ќе ти кажам 50-50, затоа што јас живеам подолу, а тие погоре немаат воопшто“, додава еден жител на селото.

Градоначалникот на Општина Сарај вели дека надлежноста за водоводната мрежа припаѓа на Град Скопје и Јавното претпријатие Водовод и канализација, додавајќи дека веќе неколку пати е побарано решение за овој проблем.

„Во комуникација со раководството на Водовод, проблемот е што водата се троши во голема количина во овие делови и не успева да се наполни резервоарот за потоа да се дистрибуира во Арнакија“, рече Илјас Весели – Градоначалник на Општина Сарај.

„Континуирано инсистирав и инсистирам, не подалеку од вчера бев на терен во селото Копаница каде што имаше дефект, но и во Арнакија. Надлежностите се такви што, освен да комуницираме и да бараме од одговорните, не знаеме што друго да направиме.“

Според Весели, од Општина Сарај е побарано заедно со екипите на Водовод и инспекторатот на Град Скопје да се излезе на терен и да се детектираат недостатоците и злоупотребите со нелегални приклучоци на вода, но досега не е преземена таква активност.

Авни Тахири

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button