Село Дебреше нема вода за пиење: „Плаќаме за воздухот во чешмите!“

Деновите со тропски температури жителите на гостиварското село Дебреше ги поминуваат без вода за пиење.
Десетици куќи во селото Дебреше минуваат низ овие екстремно високи температури без вода за пиење. Единствен начин да се обезбеди вода е два часа околу полноќ со полнење на кофи со вода за да се користат за секојдневни потреби. За да биде оваа работа поинтересна, општината им праќа месечни сметки за вода, која ја немаат во чешмите.
„Немаме вода, а ни земаат пари за вода. Се служиме со буре, дојди да го видиш бурето и струја трошиме за него. За вода плаќаме 6.000 денари годишно, а немаме капка вода. Плаќаме само за воздухот што е во цевките…“
„Од кога се сеќавам, Дебреше има проблеми со водата. Можете да видите како го правиме тоа. Со хидрофор доаѓа малку вода во два часот по полноќ и после кога ќе дојде водата, го полниме ова буре и со тоа ги переме алиштата. Редовно плаќаме вода, но џабе, вода нема. Се пожаливме, ама џабе, кому да се жалиме, цело село да се собере и да протестира..,
„Пет години немаме вода, тоа е проблемот. Ни велат дека има проблеми со мрежата во Гостивар, но цело лето вака го поминуваме. Имам буре, ќе чекам до два по полноќ да го наполнам и да се миеме…“
„Понекогаш не доаѓа два дена. Велат дека средуваат во Вруток. Некој се пожалил, но велат дека санираат. Полниме вода од извори, а понекогаш одиме и во Гостивар да наполниме за елементарни потреби“, реагираат жителите.
Од јавното општинско претпријатие Гостивар ни рекоа дека работат на изнаоѓање решение за непречено снабдување со вода за жителите на Дебреше, но не кажаа кога ќе го најдат.
Башким Сулејмани