Семејства си ги бараат имотите во Градиште, бараат да не се узурпираат

Додека триесеттина семејства со години чекаат да им бидат вратени имотите во автокампот Градиште кај Охрид преку законот за денационализација, тие тврдат дека некој упорно гради и ги узурпира истите. Велат дека наместо да го добијат она што им останало од нивните предци, продолжува градежната експанзија на ова атрактивно место покрај Охридското езеро. Целиот имот на Градиште го проценуваат на повеќе од 20 милиони евра.
„Секојдневно се носат бетони, железо, цемент и се гради. Никој ништо не презема и покрај нашите две реагирања претходно… Каде е инспекторатот? Го повикуваме градоначалникот да ги пушти инспекторите на лице место“, рече Ѓоре Танески-жител на Пештани.
„Добивме од Управен суд дека е во корист наша. Нè играат како сакаат и тоа е чудо. Кој да дојде, сè ветува и на крај нема ништо од тоа. Најмногу политичарите. Политиката е замешана во кампот Градиште“, рече Петре Цаноски- жител.
„… Имаме инволвирани од власта, од политиката, а замешани имаме и од полицијата. Некој ги штити“, додава Ѓоре Танески-жител на Пештани.
Од компанијата МКМ Нова Трејд која стопанисува со автокампот, велат дека имаат договор со фирмата-сопственик, дека работат согласно законите и негираат оти во кампот се гради.
„Ги повикуваме сите поединци и субјекти коишто на било каков начин полагаат право на сопственост на одредени локации во Автокампот, коишто според нивните изјави им биле одземени, своите права да ги реализираат низ институциите на системот“, наведуваат од МКМ Нова трејд.
Вонредна контрола спровеле и од Националниот парк Галичица. Тврдат дека забележале само активности за непречено функционирање на пречистителната станица во кампот. Инаку поранешните сопственици на имоти, односно сега околу 150 нивни наследници, бараат да им бидат вратени парцелите одземени во 1957 година преку национализација од страна на тогашната држава.
Мики Трајковски