
Севиља се реши за тренерска смена поради лошиот период. Хозе Луис Мендилибар заработи отказ, по шест ипол месеци на кормилото на клубот од Андалузија.
Минатата сезона Мендилибар пристигна да ја „спасува“ сезоната во Примера, бидејќи тимот котираше лошо. Тој седна на тренерското столче на 21 март, а два месеци подоцна ја поведе Севиља до трофејот во Лигата на Европа, победувајќи ја Рома во финалето. Сепак, резултатите и партиите оваа сезона не му одеа од рака.
Досега во новата сезона Севиља под водство на Мендилибар одигра 11 натпревари во сите конкуренции, запиша само две победи, четири ремија и дури пет порази. Поради тоа челниците соопштија дека Мендилибар заминува и се работи на негова замена.