Шабани: Формирана е комисија за да ја разгледа содржината на книгата Географија

Заменик министерот за образование Арафат Шабани вели дека е формирана комисија за да ја разгледа содржината на книгата Географија за втора година каде има навредлива содржина кон Албанците. Шабани, во емисијата “200“, изрази разочараност и од наставниците и родителите што не реагирале на време.
Текстот ќе биде повлечен, потребна е само законска постапка. Има шест члена и го чекаме седмиот член, професорот од Институтот за географија од каде се и авторите. И таму неколку дена се прават разгледувања, се рецензира и даваат препораки и согласно тие препораки министерката ќе ја повлече книгата. Секако ќе се повлече од употреба, но дали ќе се замени со друга книга – изјави Арафат Шабани, заменик министер за образование.
Поранешниот министер за образование Арбр Адеми рече дека најдобар избор е да се повлече книгата.
Бевме во моментите на договорот со Грција. Ги потпишав сите наставни програми како министер и ги испратив во Грција. Ги испратив сите учебници до нашиот јужен сосед. Тие го сторија истото. Ние не сакавме да ризикуваме во реализацијата на нашите стратешки определби … Без да сакаме ниту едно наше дејствување да се квалификува како провокација, рековме дека сите текстови ќе бидат ревидирани, а текстовите што ги доставивме таму, да чекаат финален производ од Меѓудржавната комисија со соседите, а потоа внатрешно ќе биде многу лесно да се надмине – вели Арбр Адеми, поранешен министер за образование и наука.
Вјолца Бериша од Алијансата за Албанците вели дека наместо да се преведуваат книгите на албански јазик, подобро е тие да се пишуваат од албански автори за да нема простор за грешки во преводот или адаптацијата.
Книгата требаше да биде запалена. Да бев министер, ќе ја запалев демонстративно. Зошто? Некој на социјалните мрежи вели дека не се пали книга. Книгата не е неколку собрани страници, книгата ја прави знаењето што го има внатре. И, ако информациите внатре се против нас, запали ги. Мислам дека би било добро да им се даде на издавачките куќи да го пишуваат текстот и тие имаат одговорност да ги изберат најдобрите уредници и група автори – нагласи Вјолца Бериша, Алијанса за Албанците.
Во текот на денот, Алијансата за Албанците испрати писмо до министерката за образование, Мила Царовска, во кое бараат итно да се повлече од употреба учебникот географија за втора година. Оваа книга, која предизвика многу реакции, беше објавена во 2002 година и истата беше издадена 6 пати без никаква интервенција.
Вјолца Алити