Шахпаска: Ќе се воспостави мрежа за заштита на работниците при стечај

Воспоставување на гарантирана мрежа за соодветна заштита на правата на вработените во случај на несолвентност на работодавците, односно во случај на стечај на компаниите во кои работеле, има за цел проектот „Подобрување на заштитата на вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавец“ што во земјава ќе се спроведува во наредните 18 месеци.
– Целта на овој проект е создавање гарантирана мрежа за соодветна заштита на правата на вработените во случај на несолвентност на работодавците во согласност со минималните барања дефинирани од Директивата на ЕУ 2008/94 како и во согласност на националниот социо-економски контекст. Со законот што треба да биде донесен, дополнително, се врши хармонизација на нашето законодавство со она на ЕУ, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на почетокот на твининг проектот.
Таа додаде дека еден од клучните постулати на европската социјална правда е обезбедување повисока социјална заштита на вработените, како и правна и институционална рамка која ќе гарантира почитување и заштита на работничките права во секоја фаза на деловното работење на нивните работодавци и оти тоа е целта што треба да се постигне со спроведувањето на овој проект.
– Зајакнувањето на институционални капацитети на МТСП и другите релевантни чинители се клучен фактор за успешно транспонирање на Директивата во националното законодавство и натамошно спроведување, рече Шахпаска.