ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шаќир Фетаху нов поглавар на ИВЗ

ИВЗ го избра новиот реис. Досегашниот вршител на должност, Шаќир Фетаху победи со 18 гласа, додека неговиот противник, муфтијата од Тетово, Ќани Несими, освои три. Новиот Реис, Фетаху, рече дека ќе работи на тоа да ја стави ИВЗ на вистински колосек.

Advertisements

„Нашето патување ќе биде знаењето, консултациите, толеранцијата, транспарентноста, неуморната работа во служба на секој верник и граѓанин. Ќе изградиме сериозна заедница со сите елементи што ги бара времето во кое живееме“, рече Фетаху.

Фетаху беше запрашан и за влијанието на политиката во оваа институција, но без конкретни одговори како ќе го отстрани политичкото влијание во ИВЗ. Во врска со евентуалните уставни измени во оваа институција, Фетаху рече дека тие ќе бидат направени, а на прашањето дали ќе работи на откривање на можните злоупотреби, Фетаху изјави дека ова е работа на релевантните институции.

„За прашањата за кои прашувате, јас не сум тој што може да ви каже, затоа што има обвинителство, оваа држава има закони, оваа држава има правила и така натаму. Значи тоа е работа на законите на државата“, истакна Фетаху.

Централниот регистар и Управата за јавни приходи се прогласија за ненадлежни за можните злоупотреби во ИВЗ. Антикорупциската комисија објави дека ИВЗ не доставила финансиски извештаи за нивното работење веќе пет години. Финансиската полиција пред извесно време објави дека спроведува предистражна постапка во ИВЗ. Изборите на ИВЗ се одржаа шест месеци откако Сулејман Реџепи поднесе оставка.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button