Шаќири: Предлог законот за наставници може да се менува ако почне собраниска расправа

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири за Алсат објасни дека Предлог законот за наставници и стручни соработници може да се менува доколку почне собраниската расправа. Шаќири рече дека освен што има можност за напредување во кариерата на наставниците, се овозможува и вреднување на дополнителната работа на наставниците.
„Иако ова како Предлог-закон доаѓа од претходниот министер, јас сум отворен, има простор за каква било промена која треба да биде прифатлива во дебатата што ќе се отвори, но мотивацијата ја гледам како потребна бидејќи, за една работа и за одреден труд треба да има ниво на фиксна плата. Постојат различни системи во кои платата е мотивирачки елемент за работата и обично кој ќе придонесе повеќе за платата ќе биде оценет на крајот на месецот, ќе биде позадоволен од она што го постигнал и позадоволен од нивото на плата“, вели Шаќири.
Синдикатот за образование на наука и култура решението на проблемот или зголемувањето на платите на наставниците го гледа во почитувањето на Колективните договори кои според синдикатот гарантираат достоинствени плати за вработените во образованието.
Но, според министерот Шаќири, зголемувањето на платите на наставниците не може да се направи само врз основа на Колективниот договор како што бара СОНК. Тој додава дека е неопходна индивидуална евалуација на вработените во образованието.
„Може да се регулира како во некои други сектори, но системското решение е системско решение, а правното решение е правно решение. Колективниот договор е колективен и спроведлив договор и многу институции го имаат регулирано, но во овој временски период гледаме други можности. Но, прашањето за методологијата и прашањето за еднаква евалуација за сите, тоа е прашање кое што мора да се види и да се разговара“, додава Шаќири.
Според Предлог-законот, во учебната 2020/2021 година во основните училишта се вработени 1.124 наставници на определено време до две години, а во средните училишта тој број е 340 наставници.
Мелихате Рустеми