Шешов: Новите згради се безбедни, минуваат низ ригорозни проверки

Разорниот земјотрес во Турција и Сирија ја наметна дебатата за квалитетот и начинот на градење кај нас. Надградбите, доградбите на постоечките објекти и дивоградбите претставуваат ризик во случај на голем земјотрес во иднина. Директорот на Институтот за инженерство и сеизмологија Влатко Шешов рече дека новите згради се безбедни бидејќи минуваат низ ригорозни проверки.
На конференција што се одржа во Скопје, учествуваа и претставници од Јапонија, а беа разменети искуства за зголемување на безбедноста и намалување на ризиците од можни земјотреси во иднина.
„Годинава навршуваат 60 години од земјотресот во Скопје и е добра можност не само да се потсетиме на трагедијата, туку и да се подготвиме за иднината. Ви ја претставуваме новата јапонска технологија која би спречила трагедија од евентуални идни земјотреси. Мора да бидеме подготвени на такво нешто”, рече Казуја Окука, амбасадор на Јапонија.
На конференцијата беше истакнато дека сеизмолошката изолација може да спаси животи на луѓе, но за континуирана имплементација на таков метод потребни се повеќе средства, развој, истражување, имплементација и одржување.
Ајнур Бафќари