
6 пациенти кои се здобија со повреди при пожарот во дискотеката во Кочани по лекување во странство се враќаат во земјава. 5 од нив се враќаат од Србија и еден од Италија. Од Министерството за здравство најавуваат дека тие ќе бидат примени во здравствените установи од каде се испратени и ќе продолжат со лекување во зависност од повредите. Од министерството соопштуваат дека се уште има пациенти кои се во тешка здравствена состојба.
„Што се однесува до останатите пациенти кои се уште се во странство, некои од нив се подобриле, додека други се интубирани и во посериозна здравствена состојба“, велат од Министерството за здравство.
Во меѓувреме, состојбата на пациентите кои се лекуваат во болниците во земјата е добра, велат властите.
„Во здравствените установи во земјава 16 пациенти се во добра општа состојба, како што беше и вчера – шест во болницата „Св Наум Охридски“ и Градската општа болница „8 Септември“, како и четири во приватни болници“, додаваат од Министерството за здравство.
Во трагичната несреќа на 16 март во Кочани, каде што животот го загубија 59 лица, беа повредени и стотици други.
Ајнур Бафќари