ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шилегов најавува брз автобуски превоз во Скопје

Првата релација за т.н. брз автобуски превоз достапна за скопјани ќе биде од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, односно спојување на источно и западно Скопје. Новиот транспорт се планира да сообраќа на третата лента од булеварот Партизански одреди која исклучиво ќе се користи за брз автобуски превоз. Постојки ќе бидат поставени на средина од булеварот, а Шилегов уверува дека нема многу да се отстрани зеленило.

Advertisements

„…Две од постапките кои беа предвидени и се дел од овој концепт се завршени и веќе се работи на идејното решение, поминато е задолжувањето од страна на Владата на владина седница понинат е кредитот на бордот во Лондон на ЕБРД…“, рече Шилегов.

Изградбата на инфраструктурата и постојките, но и набавка на околу 60 автобуси треба да чини околу 70 милиони евра. Во втората фаза, со брз автобуски превоз ќе го спојува северниот и јужниот дел на градот, односно од Бутел до Кисела Вода.

Пет години ќе бидат потребни за да сообраќа втората линија на брз автобус. Тие ќе поминуваат на Бит Пазар. Оваа линија е најавена за 2025 година, бидејќи допрва треба да се прошируваат улици меѓу Бутел и Кисела Вода. Сообраќајната лента на која ќе поминуваат автобусите нема да смее да ја користат други возила, а како ќе изгледа тоа, Град Скопје ќе открие за половина година.

Двете линии, според планот, треба да се спојат во Центар кај Олимпискиот базен. Инаку, токму следната година се редовните локални избори, а темата за решавање на сообраќајниот хаос во Скопје, како изградба на метро, трамвај, а актуелно – проектот за брз превоз, досега ја користеа речиси сите партии и кандидати за градоначалници. Од сето тоа изминатите години се купуваа само нови автобуси кои, како и сите возила, остануваат заглавени во сообраќајот.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button