ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шилегов се согласува за Водно да биде донесен нов специјален закон

Сѐ погласни се апелите Водно да се заштити со нов Закон, наместо да се донесе Одлука за прогласување на заштитено подрачје од петта категорија. Ваквото барање на еколозите денеска го поддржа и скопскиот градоначалник Шилегов кој вели дека од почетокот се залагал за нов посебен закон за Водно. На јавната расправа за Водно, преставникот на Град Скопје го застапуваше ставот планината да биде заштитена со Одлука, а не со Закон.

Advertisements

„Јас немам намера да ја поместам градежната линија на Водно во ниедна варијанта. Дури и кажав дека јужната обиколница којашто е предвидена долги години во Генералниот урбанистички план која подразбира девастирање на Водно ќе ја избришеме во наредниот ГУП“, рече Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, засега се резервирани. Оттаму велат дека ќе се разгледаат сите мислења, коментари и забелешки дадени на јавната расправа за Водно.

„Процесот на консултација на јавноста сè уште е отворен и ќе трае, согласно законските рокови до 13 февруари. Сите пристигнати коментари и забелешки по однос на Нацрт-Одлуката за Водно ќе бидат разгледани од аспект на надлежноста на МЖСПП и Градот Скопје во соработка со експертскиот тим кој ја изготвил Студијата за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерството ќе направи и извештај од јавната расправа кој ќе го објави и ќе го достави до Владата. Универзитетската фела и невладините организации бараат за планината да се донесе специјален Закон, со кој планината Водно ќе може да го штити градот од поплави.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button