Школската година привршува, а многу ученици останаа без учебници
Школската година привршува, а многу ученици останаа без учебници

Учениците од стручното образование оваа учебна година ја завршуваат без учебници. Секој наоѓа различни начини како да го надополни недостигот од учебници. Блерта Бекај, професорка по аналитичка хемија во училиштето „Марија Кири Склодовска“ вели дека има многу потешкотии, особено по предметите каде што се одвива практичната настава.
„Принудени сме да земаме материјали од Интернет, од разни книги, разни практики кои им овозможуваат на учениците да изведуваат вежби што треба да ги изведат во лабораторија. Часовите тешко се пополнуваат бидејќи е потребно малку повеќе материјал за тоа. На учениците им е потешко затоа што треба да најдеме начини и порано да им праќаме наставни единици или да правиме копии за на час да имаат од каде да учат“, изјави Блерта Бекај, професор по аналитичка хемија.
Учениците кои ги сретнавме во ова училиште велат дека недостигот на книги дополнително ги оптоварува. Им фалат учебници по скоро сите предмети, освен по албански јазик и за физичко.
„Речиси по сите предмети. Ние сме во насока хемиски лаборант и имаме 11 предмети, освен спорт, физичко образование, за сите други предмети немаме книги“, рече една ученичка.
„Не е толку лошо, но има свои потешкотии, запишуваме на часови, понекогаш професорите ни праќаат линкови, ни праќаат слики, тоа малку ни ја отежнува работата, но сепак добро поминуваме“, нагласи еден ученик.
„Практичната страна е малку тешка бидејќи немаме книги. Сите наставни единици треба да ги земеме од дневниците на поранешните ученици или професорите да ги подготват часовите дома“, додаде друга ученичка.
Од Министерството за образование пред извесно време соопштија дека новите учебници за средно стручно образование се одобрени и ќе се печатат етапно. Педагошката служба во текот на минатата година одобрила околу 100 учебници за четиригодишно средно стручно образование, за општообразовни предмети и за математичко-информатичко средно образование. За поголем број предмети во тек се постапките за изработка и одобрување. Списокот на одобрени учебници континуирано ќе се ажурира и како што најавувата од министерството, постапката за печатење истот ака ќе се одвива етапно додека не заврши целиот процес за сите учебници. Но, школската година веќе привршува./Алсат.мк
Мелихате Рустеми