Шпанскиот амбасадор не исклучува нови услови за земјава за членство во ЕУ

Амбасадорот на Шпанија во Скопје, чија земја претседава со Европската Унија во последните 6 месеци, не ја исклучува можноста некоја од земјите-членки на Унијата да постави нови услови за членство на земјата во ЕУ. Гарсија во интервју за Радио Слободна Европа вели дека во моментов уставните измени за вклучување на Бугарите се услов за организација на втората меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Македонија. Сепак, тој вели дека тоа не значи дека во текот на преговарачкиот процес друга земја членка нема да презентира нови услови. Гарсија потсети дека првата преговарачка група е најважна и земјите кандидати мора да вложат дополнителни напори во борбата против корупцијата, владеењето на правото и независноста на судството.
„Не сакам да испраќам песимистички пораки, напротив. Она што ние го кажуваме, како и другите инстанци на ЕУ, е дека кога сте во процес на свикување на втората Меѓувладина конференција, мора да го исполните тој услов, односно да се одобрат уставните амандмани. Можеби ќе има други барања и услови од други земји, но на крајот работите ќе добијат друга димензија и важност“, вели амбасадорот Гарсија.
-Дали ова ќе биде последната пречка?
„Можеби ќе има други пречки…. Со новата методологија, многу важен кластер е она што се нарекува „темелите“ – основата на целиот процес. Владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и всушност тој е првиот кластер што се отвора и последен се затвора. Да не зборуваме за слабите точки, туку за дополнителни напори што секоја земја треба да ги направи“, вели Гарсија.