ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Штајнмаер во посета на Скопје: „Промената на уставот, важна одлука“

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер при првата посета на Скопје кажа дека земјава е пред важна одлука. Штајнмаер додаде дека уставните измени ќе овозможат непречено отворање на преговарачките поглавја и на оваа тема тој најави дека ќе зборува со народните избраници од сите пратенички групи во Собранието.

Advertisements

„Вашата земја, за тоа зборувавме со вас господине претседателе, се наоѓа пред многу важна одлука – дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата. // За вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи со Бугарија Ви благодарам и јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати“, вели Штајнмаер.

Претседателот Стево Пендаровски пак порача кај опозицијата да проработи свеста. Според шефот на државата, процесот на уставни измени треба да се заврши час поскоро, бидејќи и онака, како што додава, триесет години постои национален консензус за евроинтеграцијата.

„Ако е точно дека навистина сакаат европска интеграција, тогаш мислам дека треба да проработи свеста и кај нив и да гласаат за уставните промени утре, задутре, за година-две… Во една демократија има промена на власта секој пат и тие ќе бидат на власт и ќе го бараат истото од утрешната опозиција. Зошто тоа не би го завршиле сега?“, рече Пендаровски.

Инаку, одговарајќи на новинарски прашања, германскиот претседател кажа дека акцентот на пристапниот процес на земјава треба да биде поставен на прашања од сегашноста и иднината, а не на историски прашања и нови пречки. Од друга страна, Пендаровски истакна дека доколку процесот во иднина не биде базиран на историја, туку на исполнување на европските критериуми, земјава може да ги заврши преговорите за членство во рекордно брзо време.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button