Штрајк во матичните книги – нема умреници, венчаници, изводи…

Граѓаните од денеска не можат да вадат изводи од матичната книга на родените и други важни документи бидејќи штрајкуваат и вработените во Управата за водење на матични книги. Како што велат вработените, штрајкуваат бидејќи има многу кои не земаат ни минимална плата од 18 илјади денари.
Граѓаните кои денеска пробаа да извадат некој од потребните документи, не успеаја.
Претставниците на Независниот синдикат во Управата за водење на матични книга велат дека ќе штрајкуваат сè додека не се исполнат нивните барања. Велат документи ќе даваат само за итни случаи.
Од Министерството за правда велат дека колективниот договор што го предлага овој синдикат е спротивен на Законот за административни службеници и Законот за буџет.
„Во текстот на Колективниот договор се дадени податоци за платата, а основната плата на вработените во Управата поради „посебни услови за работа“ се зголемува за 30 отсто со што ќе се зголемат средствата предвидени во буџетот на Управата за водење на матични книга. Ваквиот договор со кој се предвидува надминување на износот на предвидените средства е незаконски и за ова се предвидени санкции согласно законот за Буџет“, наведоа од Министерството за правда.
Од Министерството за правда велат дека барањата на синдикатот се неприфатливи, но оти се испитува можноста за внатрешно унапредување и мотивирање на вработените.
Мефаил Исмаили