
Поранешниот фудбалер на Атлетик Билбао, Хесус Емилио Диез де Миер е уапсен во близина на шпанскиот град Кадиз. 51-годишниот Де Миер е во бегство од полицијата од 2015 година. Тој е осуден за шверц на еден тон кокаин, заедно со неговите соработници.
Полицијата го фатила по рутински преглед на возило. Имал лажни документи и давал погрешни информации во полиција. Потоа бил одведен во станица, каде што бил утврден неговиот вистински идентитет. Така тој ќе одлежи девет години затвор откако од Аргентина прошверцувал тон кокаин во Шпанија. Во неговиот клан биле и некои други поранешни фудбалери кои не се споменуваат по име.
Де Миер помина низ фудбалската школа на Атлетик и го имаше своето деби за првиот тим во сезоната 1992/1993. Негов тренер тогаш беше Јуп Хејнкес. Играше на позицијата централен дефанзивец, но не беше доволно добар за да остане во тимот на Билбао. Играше до 2004 година, најмногу во втората лига за Леида, Херкулес и Јеклано.