Швијонтек, најдобра светска тенисерка за 2023 година

Ига Швијонтек и официјално е избрана за најдобра светска тенисерка за 2023 година, во изборот организиран од Женската Тениска Организација (ВТА). Таа во годинава што изминува забележа 68 победи и 11 порази, завршувајќи ја годината на првото место на ВТА-листата.
Полската тенисерка имаше сезона за паметење, во која стигна до пехарот на Ролан Гарос, но и до трофејот на завршниот турнир што годинава се одржа во Мексико. Швијонтек во 2023 стигна до титули на гранслем-турнир, завршниот турнир, како и на турнири од ВТА 1000, ВТА 500 и ВТА 250, нешто што последен пат во една календарска година и успеало на Серена Вилијамс, и тоа во 2013.
За тенисерка со најбрз напредок е избрана Џенг Џинвен од Кина, Мира Андрејева од Русија е „дебитантка на годината“, додека Елина Свитолина од Украина ја доби наградата за „камбек на годината“, по нејзиното враќање на терените откако претходно паузираше по бременоста и раѓањето на своето прво дете.