Сијарто: Тие што го кочат пристапувањето го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ

Местото на Западен Балкан е во Европската Унија, порача шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, кој е во посета на земјава. Според него, проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш. Тој додаде дека кога Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, ќе направи се да се овозможи пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан. Сијарто не сакаше да ги коментира азилот и случувањата со екс-премиерот Никола Груевски, односно одбивањата на Будимпешта на барањата за екстрадиција. „Тоа не е прашање на надворешната политика. Ние не можеме да се мешаме во судските постапки, кажа Сијарто.
„Страшно е што Бугарија го блокираше писмото што требаше да се испрати на РСМ пред неколку недели. Македонија е кандидат веќе 18 години и да не може да започне преговори е ужасно и покажува непочитување кон земјата и е контрадикторно со интересите на ЕУ. Тие што го кочат пристапувањето треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на Унијата. Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ, ќе ги превртиме сите камења за да се осигураме дека членството на Северна Македонија и Западен Балкан ќе се случи што поскоро“, рече Сијарто.